Со голем со ентузијазам за нови предизвици, на 22 февруари 2005 година го направивме големиот чекор и успеавме да заживееме една нова спортска и радио-традиција. 15 години подоцна, може да кажеме дека како единствено спортско радио во регионот, успеавме да го задржиме нашето место под медиумското небо, обезбедувајќи квалитетен аудио производ во симбиоза од спорт и хитовска музика.
Спортското радио 90.3 фм, како единствено специјализирано спортско радио во регионот, оваа година прославува јубилеј – 15 години во македонскиот етер. Одбележуваме една голема етапа од нашата мисија, да го доближиме спортот до сите генерации.
Ова е просторот во кој многумина најдоа свој верен придружник во деновите кога се одигруваат најважните спортски настани на планетава. Се трудиме на ова место да ги донесеме во живо и најголемите спортски случувања за македонскиот спорт и сето тоа со една цел – да овозможиме брз, навремен и објективен пристап до случувањата во спортот кај нас.
Ние сме со вас во домовите, во автомобилите, на излетите, во продавниците, на телефоните… Во мисија да обединиме, да афирмираме и да поттикнеме младите да се занимаваат со спорт, се трудиме да одвоиме голем простор и за оние кои допрва чекорат кон спортските, шампионските височини. Затоа овие 15 години наше постоење, се само дел од нашата мисија. Им благодариме на сите за довербата, соработката и заедничкото обединување околу спортот сите овие години. Овие 15 години, поминаа многу лица, резултати, директни преноси, јавувања од големи случувања… Бевме и понатаму ќе бидеме со нашите спортисти и нашите слушатели и пријатели.