Претседателот на Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио, Јоширо Мори денеска изјави дека Игрите нема да се одржат следната година доколку не се промени ситуацијата со пандемијата на коронавирусот.
Мори за јапонската NHK телевизија рече дека се надева оти ситуацијата ќе се подобри и навести дека клучна работа ќе биде вакцината. На прашањето дали ако оваа состојба со вирусот не се промени, дали е можно Игрите да се одржат, Мори одговори: „Ако ситуацијата остане вака, не е можно“.
Олимписките игри во Токио требаше да започнат на 24 јули, но истите беа одложени за следното лето и ќе започнат на 23 јули 2021 година. Научниците велат дека ќе бидат потребни уште шест до девет месеци за да се добие вакцината, а Мори рече дека таа е клучна.