Тренерот на македонскиот и европскиот шампион Вардар, Стевче Алушовски, во интерву за „Балкан Хандбал“ потврди дека се работи интензивно на обезбедување на тимот за следната сезона. Тој потенцираше дека на состанокот со новиот претседател Михајловски кој го презема клубот по 1 јуни, играчите добија информација за плановите и за тоа како ќе изгледа буџетот за следната сезона.
„Освен Скубе кој најави заминување, со сите други ќе се разговара за останување во тимот. Тука се и Дисингер, Дибиров, Чупиќ… Исто така, Борко Ристовски останува сигурно, со нас ќе биде и Мишевски, а останува да видиме дали ќе успееме да го донесеме на голот Никола Митревски“, вели Алушовски.
Тој потврди дека Вардар е сериозно заинтересиран и за репрезентативното крило Гоце Георгиевски. Меѓу најавените имиња кои следната сезона ќе бидат дел од „црвено-црниот“ погон, тренерот на Вардар , Алушовски го најави и левиот бек на Чеховски Медведи, Санталов, кој е веќе договорен.