Tотенхем и Борусија Дортмунд денеска на стадионот „Вембли“ ќе го одиграат првиот меч од 1/8 финалната фаза во Лигата на шампионите. Атрактивниот фудбал и напаѓачката филозофија што ја практикуваат двата тима, треба да биде гаранција дека ќе гледаме спектакуларен меч без калкулации.
Тотенхем и Борусија досега се сретнале четири пати. Во март во 2016 година Германците ги елиминираа лондончани во осминафиналето во Лига Европа по двете победи со вкупна гол разлика 5: 1 додека во есента во 2017 година во групната фаза на ЛШ, Тотенхем се реваншираше со две победи (3:1 и 2:1). Двете екипи имаат сериозни проблеми со ростерот. Домаќините ќе бидат без големата ѕвезда Хари Кејн (три гола во три меча против Дортмунд), како и без креативниот играч од средниот ред Деле Али. Кај гостите во амбулантата се лекуваат тројца значајни фудбалери од првата постава – Џулијан Вајгел, Лукас Пишек и Пако Алкасер. Лондончани имаат позитивен ефект против бундестимовите во елиминацискиот дел- четири победи и три порази. Тимот од Дортмунд исто така има позитивна статистика во елиминациските дуели против екипите од Премиерлигата – три победи и два пораза. Борусија во 12 гостувања во Англија има четири победи, еден нерешен резултат и седум порази.
Можни состави, Тотенхем: Лорис, Санчез, Алдервејрелд, Вертонген, Трипиер, Даер, Јинкс, Сисоко, Ериксен, Сон, Љоренте. Борусија Дортмунд: Бjoрк, Диала, Загаду, Гереиро, Хаким, Дилејни, Витсел, Ларсен, Филип, Санчо, Гетце. Судија на денешниот меч ќе биде Антонио Лахоз од Шпанија.