Бараж натпреварот за пласман во Лигата на Европа меѓу Арарат од Ерменија и белградска Црвена звезда сепак ќе се игра на Кипар, односно надвор од земјата каде пред неколку дена беше прогласена воена состојба поради ескалација на конфликтот во регионот Нагорно Карабах.
Иако клубот од Ереван во вторникот објави дека дуелот дефинитивно ќе се игра во четврток во 16 часот по средноевропско време на стадионот на Фудбалската академија на Ерменија, работите се сменија во текот на попладневните часови.
Натпреварот меѓу шампионот на Србија и Ерменија ќе се одигра во Никозија, Кипар, а тоа е конечната одлука објавена на веб-страницата на УЕФА. Дуелот ќе започне во 19 часот.