Баерн го пречекува ПСЖ во реприза на минатогодишното финале

0

Баерн (Минхен) и ПСЖ вечерва се среќаваат во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите, што е повторување на финалето од минатата сезона. Пред осум месеци Баварците триумфираа со 1:0 и по шести пат се искачија на врвот на европскиот фудбал, а интересно е тоа што тогаш, единствениот гол го постигна поранешниот фудбалер на ПСЖ, Кингсли Коман. Баерн не ги крие амбициите повторно да дојде до пехарот.

Германскиот гигант ќе остане без неговата гол машина Роберт Левандовски и заразениот со коронавирус Серж Гнабри, но и ПСЖ има важни играчи кои ќе го пропуштат дуелот на „Алијанц Арена“. Домаќините во дуелот ќе влезат расположени, откако викендот го добија дербито против РБ Лајпциг и во голема мера ја обезбедија деветтата последователна титула во Бундеслигата. ПСЖ загуби со 0:1 од лидерот во Лига 1 Лил и ова ветува жестока битка за првото место до крајот на сезоната.

Во осминафиналето, Баерн се сретна со Лацио и немаше проблеми да се пласира понатаму со вкупен резултат 6:2. Така, Баварците се пласираа во четвртфиналето по седми пат во последните 9 години. Тимот е во серија од 19 натпревари без пораз во Лигата на шампионите и може да го израмни рекордот на Манчестер Јунајтед од 20 натпревари без пораз. За последен пат Баерн загуби во 1/8 финалето во 2019 година со 1:3 против Ливерпул. Следуваше 18 победи и едно реми против Атлетико Мадрид.

Во сите натпреварувања, Баерн Минхен не го знае вкусот на поразот на „Алијанц Арена“ од ноември 2019 година, кога ги победи Баер (Леверкузен). Покрај тоа, тимот е во серија од 63 натпревари, на кои секогаш постигнува најмалку по еден гол. Во исто време, фантастичниот напад на ПСЖ понекогаш „затајува“, а доказ за тоа се домашните порази од Монако и Лил во шампионатот од почетокот на календарската година.

Парижаните се во четвртфиналето само по втор пат во последните пет сезони. Тие покажаа класа во претходното коло кога ја совладаа Барселона со 4:1 на „Камп Ноу“, а со нерешените 1:1 на реваншот, ги елиминираа Каталонците. Постои можност тимот на Покетино да се претстави поуспешно на гостински терен затоа што имаат 7 последователни победи во сите натпреварувања, како и пет од последните шест гостувања во Лигата на шампионите.

Поразот од Баерн во последниот натпревар од минатата сезона беше единствениот случај на последните 43 натпревари на ПСЖ во Лигата на шампионите во кој тимот не постигнал гол. Францускиот клуб двапати се соочуваше со актуелен европски шампион, и двата пати беа елиминирани – од Милан во сезоната 1994/95 и од Реал Мадрид во 2017/18.

Во отсуство на Левандовски и Гнабри, Ханзи Флик има неколку опции за нивна замена. Се очекува шанса да добие Ерик Максим Чупо-Мотинг, кој до минатата сезона го носеше дресот на ПСЖ и многу помогна да се пласираат во финалето. Лерој Сане, Томас Милер и Кингсли Коман исто така ќе ја нападнат одбраната на гостите, а голема предност на Баерн може да дојде на средина од теренот, каде што Леон Горетцка и Џошуа Кимих се во одлична форма Жером Боатенг и Алфонсо Дејвис, кои не играа поради картони против РБ Лајпциг, ќе се вратат во одбраната.

Маурисио Покетино мора да се врати во Минхен по оној тежок период кога го предводеше неговиот тим Тотенхем на „Алијанц Арена“ во октомври 2019 година. Аргентинскиот тренер нема да може да смета на Марко Верати и Алесандро Флоренци, кои се вратија со КОВИД-19 по паузата за репрезентативните настапи. Колин Дагба ќе го заземе местото на Флоренци на десното крило во одбраната, а во средниот ред ќе играат Идриса Геј и Андер Ерера. Мојс Кин, а не Мауро Икарди, ќе стартува на врвот на нападот. Зад италијанскиот напаѓач ќе стои тројката Нејмар, Килијан Мбапе и Анхел Ди Марија.

Ова ќе биде десетти натпревар во Лигата на шампионите помеѓу Баерн и ПСЖ. Интересно, билансот им оди во прилог на парижаните – пет победи наспроти четири за Баерн и еден нерешен. Баварците дозволија повеќе порази во ова натпреварување само од Реал Мадрид – 10. ПСЖ не победил толку често ниту еден друг тим во Лигата на шампионите.

Судија на натпреварот на „Алијанц Арена“ ќе биде Шпанецот Антонио Матеу Лаос.

Веројатни состави:
Баерн (4-2-3-1): Нојер; Павар, Боатенг, Алаба, Дејвис, Кимих, Горецка, Сане, Милер, Коман и Чупо-Мотинг.
ПСЖ (4-2-3-1): Навас; Дагба, Маркињос, Кимпембе, Диало, Геј, Ерера, Ди Марија, Нејмар, Мбапе и Кин

Share.

Leave A Reply