Српскиот стручњак Драган Бајиќ од вчера е нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација. По преставувањето, за Кошаркарската федерација се осврна на своите планови во иднина.
За Македонија во прв план ќе бидат квалификациите за Светското првенство.
„Рано е сега да се зборува за тоа, јас никогаш не гледам два чекора напред. Не ги знаеме противниците ни во претквалификациите, дури потоа можеме да зборуваме и да правиме планови на таа тема. Главна цел во моментов треба да ни биде да ги поминеме претквалификациите по што ќе се насочиме на главните квалификации за Светскиот Куп“, вели Бајиќ.
Што се однесува околу натурализираните кошаркари, дали ќе продолжите да го користите Џејкоб Вајли или имате други планови?
„Низ разговорите со луѓето од Федерацијата, дознав дека се работи за еден квалитетен играч и добро и чесно момче. Ќе ја следам ситуацијата и со него и со останатите кошаркари и ќе видиме на кои позиции ќе бидеме дефицитарни, па така ќе одлучиме кое ќе биде странското засилување.“