По елиминацијата на Атлетико Мадрид од Лигата на Шампионите ѕвездата на тимот Антоан Гризман размислува за својата иднина, а од Барселона повторно ќе се обидат да го ангажираат напаѓачот, тврди францускиот весник „Л‘Екип”, а пренесуваат медиумите во Шпанија.
Според изданието до јуни откупната клаузула на играчот ќе биде 120 милиони евра, по што таа ќе порасне до 200 милиони евра, како што е наведено во неговиот нов договор, потпишан минатата година. На почетокот на минатото лето каталонците беа подготвени да ги платат потребните 100 милиони евра, за да го привлечат Гризман, кој сепак, по долго размислување објави во посебен документарен филм дека одлучил да остане во Атлетико, за да биде лидер во амбициозниот проект на клубот.
Тој потпиша договор до 2023 година со нова клауза за откуп. Во меѓувреме останатите клучни фигури во составот исто така ги обновија договорите, а во тимот пристигна и неговиот пријател и соиграч во репрезентацијата на Франција Тома Ломар. Работите сепак не тргнаа онака како што посакуваа сите во клубот и по крајот на сезоната сепак може да се дојде до заминувањето на Гризман.