Белгиска синџир на продавници за продажба на електрични апарати ќе им ги врати парите на клиентите кои купиле телевизори пред Светското првенство во фудбал.
Во месец мај продавниците на „Крефел” започнаа акција со ветување дека ќе ги вратат парите на клиентите кои купиле 55-инчни телевизори, ако Белгија успе да постигне повеќе од 15 гола на Светското првенство. Вчера во натпреварот за третото место Еден Азар го постигна вториот гол за победата над Англија со 2:0, што беше 16-от гол за Белгијците на ова СШ.
„Она што го ветивме тоа и ќе го исполниме. Нашите „ѓаволи” постигнаа повеќе од 15 гола на првенството во Русија. Затоа ќе ги вратиме парите на клиентите кои купиле телевизори во промотивниот период“, се наведува во соопштението на компанијата на „Твитер”.