Брестовац: „Имаме пласман на ЕП, но сакаме две победи за прво место во групата“

0

Селекторот на ракометната репрезентација Данило Брестовац го имаше првиот собир пред последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Противници ни се Турција и Грција, селекции против кои се очекуваат две победи за успешен крај и потврда на првото место во групата.

Сезоната е на самиот крај , а тоа носи и одредени проблеми за селекторот Брестовац.

„Имаме одредени потешкотии, Дејан Манасков се повреди и нема да игра. Ја следиме ситуацијата и со Стојанче Стоилов. Прво следи мечот со Турција, очекувам добар натпревар, борбен натпревар, очекувам да дојдат сите момци кои се подготвени, буквално да се „истепаат“ за победа. Приоритет на овие мечеви ќе бидат две победи, за да одиме на ЕП како први и да напредуваме шешир погоре на ждрепката за наредниот голем настан“, изјави Брестовац и додаде.

„Мора да тежнееме кон тоа да играме подобро во одбрана и напад. Манасков е многу важен за нас, но мислам дека овие момци ќе може да го понесат товарот и да го заменат квалитетно. Кога недостасува некој, тогаш ментално имаш проблем. Немаме многу време за пподготовка, но знаеме како треба да го направиме тоа и да победиме.Ние сме сигурни на ЕП, добро е што треба да се бориме за да напредуваме и да мислиме на наредните првенства. Психолошки сме растеретени затоа што сме во добра позиција, може да пробаме нешто поразлично, но она што ќе ни биде важно е да победиме. Шанса ќе добие секој за кој сметам дека може да ги исполни моите задачи. Секој ќе го употребиме на максимален начин во смисла колку ќе ни биде потребно да победиме. Мене ми е важен начинот како ќе играме и како ќе победиме. Еден разлика, еден разлика. Важна е само победата“, изјави селекторот Данило Брестовац.

Планирани се четири тренинга и видео-анализа до заминувањето за Турција во вторник наутро. Првиот натпревар се игра на 12 јуни во Турција, додека домашниот меч против Грција е закажан на 16 јуни во Струмица, каде очекуваме заверка на првата позиција во групата.

Share.

Leave A Reply