Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац, по вчерашното реми со Исланд, вели дека овој нерешен резултат е рамен на победа, затоа што овие два меча со Исланд ни донесоа 3 бода.
„Честитки за момците, ова беше уште еден квалитетен меч во неколку дена. Ова не е лош резултат, напротив двомеч од кој дојдовме до три бода. Ако ја видиме ситуацијата пред овие два меча, навистина бевме во лоша ситуација. Сега сме во поволна ситуација, па со две победи на следните две средби ќе бидеме први на табелата и ќе бидеме сигурно пласирани и ќе бидеме во поповолна ситуација на ждрепката“.
Нашиот капитен, Кире Лазаров, по средбата ја пофали публиката и и се заблагодари за големата поддршка.
„Благодарност до публиката која дојде во голем број и покажа голем интерес за натпреварот. Човек треба да знае да процени и да се израдува. Ние не се израдувавме, но нека легнат импресиите ќе се израдуваме утре, не само ние туку и целата македонска спортска јавност на која сме и благодарни затоа што не ценат и почитуваат. Има интерес, па макар некогаш и негативен, тоа значи дека таа репрезентација, селекција, вреди…“, истакна Лазаров по мечот.