Ракометарите на Металург и Вардар ги завршија свите обврски во ЛШ за оваа календарска година, но сега ги очекуваат настапи во СЕХА лигата. Токму натпреварот меѓу двете екипи од 10 коло ќе биде на програмата во среда.
На денешната прес-конференција пред овој натпревар зборуваше тренерот на Металург, Данило Брестовац кој истакна дека и покрај тоа што Вардар е голем фаворит тие ќе се обидат да се надигруваат.
„Играме со една од најдобрите европски екипи, кои се наоѓаат во ТОП 4. Играта ни е во нагорна линија, очекуваме дека ќе напредуваме. Во Нови Сад учевме боречки вештини, во Прешов малку судиите не „зафркаваа“. Мене ме радува тоа што од првиот до последниот меч сезонава одиме во нагорна линија. Нормално дека се појавуваат работите кои не се како што треба. Во Нови Сад не бев задоволен од голманите, од пристапот на некои играчи. Немаме поддршка од вас новинарите за овој проект. Истиот пат го одевме во Вардар пред десетина години. Се случуваа истите работи, се до еден ден додека не го победивме Пелистер во Битола и не освоиме титула. Очекувам дека и овие момци ќе го имат тој „клик“. Мартин Серафимов играше одлично во Прешов. Дали може да го форсираме за во репрезентација, можеби. Томи Јагуриновски исто така е потенцијал, но тоа е за во клуб, не за во репрезентација. Тој треба да се развива низа СЕХА и ЛШ. Иако двајца играчи на Вардар или Мешков Брест чинат колку буџетот на Металург, но ние 60 минути го оставаме срцето на терен. Може да им се силиме на сите, но кога ќе дојде она главното паѓаме. Не плачам, но јас сум среќен и радосен што децава на тренинзи работат максимално. Очекувам добра битка, не можам да кажам дека не ме интересира, јас не можам да спијам после натпревар. Поквалитетни се, ќе дадеме се од себе, очекувам добар резултат, тоа за мене е победа и од еден разлика“ истакна Брестовац.
Средбата се игра в среда во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:15 часот, а ќе ја судат македонските арбитри Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.