Ракометарот на Вардар, Иван Чупиќ, е избран од страна на ЕХФ за играч на второто коло во Лигата на шампионите.
Хрватскиот интернационалец во редовите на „црвено-црните“ постигна седум голови на дуелот со Порто одигран во текот на викендот во СЦ Јане Сандански кој му припадна на домаќинот со 32 спрема 27. Крилото на Вардарци на стартот на новата сезона во елитната конкуренција на Стариот континент прикажува одлични партии а неговиот состав по две кола останува лидер на табелата со максимален ефект.
Вардар кој е актуелен бранител на тронот во ЛШ, во третото коло на 29 септември ќе гостува во Украина кај екипата на Мотор Запорожје.