Еден од нај искусните во редовите на Вардар е Руското крило Тимур Дибиров кој пред стартот на Ф4 турнирот од СЕХА Гаспром лигата во Брест вели дека овие два натпревари во Белорусија се сосема различни од оние кои ги одиграа во оваа лига во текот на сезоната.
„Ова се два последни натпревари во кој се одлучува победникот и осојувачот на титулата. Сега ќе ја видиме вистинската сила на овие четири екипи. Низ сезоната сите екипи играа со шарени состави, калкулираа и мораа да се прилагодуваат на термините, на згуснатиот распоред и слично. Но, тоа не значи дека СЕХА лигата е слаба. Ова е одлично натпреварување и треба да се развива и во иднина. Мислам дека имаме енергија и дека ниту еден ракометар не одигра повеќе од 30-35 минути на дуелот против ППД Загреб во Скопје. Нема да биде лесно да се играат два тешки натпревари во два дена во ваков амбиент, но Вардар е екипа која знае да игра во секаков амбиент и подготвени сме да одиграме на врвно ниво за да ја одбраниме титулата“ рече Дибиров.
Оваа сезона Вардар ги загуби двата натпревари со Мешков Брест, во Белорусија убедливо со 35:20, но тогаш Вардар настапи буквално со втор тим, додека во Скопје гостите од Брест славеа со 32:30. Утре е време Вардар да му се реваншира на Мешков Брест.