Ракометарите на Еурофарм Пелистер и понатаму ја чекаат првата европска победа оваа сезона, а можеби гостувањето кај Тримо Требње е моментот кој го чекаа ракометарите на нашиот вицешампион.
Битолчани досега добро играа кај ГОГ Гудме и на домашен терен против Кадетен Шафхаузен, во Данска загубија минимално, а во Битола со Кадетен одиграа нерешено и испуштија шест голови предност. Минатото коло очекувано Еурофарм Пелистер беше надигран кај фаворитот Рајн Некар со 28:20.
Денешниот противник на Еурофарм Пелистер, Тримо иако има само еден одигран натпревар, се наоѓа на третото место со два бода, бидејќи ја победи Татабања на гости со 26:28. Сепак, доколку ракометарите на Еурофарм Пелистер успеат да победат ќе бидат во подобра ситуација пред реваншот за седум дена во Битола.
Тренерот Жељко Бабиќ на ова гостување отпатува без Милан Ѓуѓиќ, Дејан Кукуловски и Елмир Граџан, а останатите ќе бидат на располагање за настап против екипата на Тримо Требње. Натпреварот се игра во Љубљана вечерва со почеток од 20:45 часот.