Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Работник веднаш најде замена за Остоушко кој го напушти тимот од Битола и денеска официјално го претстави своето шесто летно засилување.
Амбициозниот тим на Еурофарм Работник од ден во ден сè повеќе расте, а челните лица на клубот веќе сериозно го засилуваат играчкиот кадар за следните предизвици и играњето во СЕХА лигата и Лигата на шампионите.
Тимот од Битола денес го претставија своето најголемо интернационално засилување ова лето, а тоа е привремениот хрватски репрезентативец Ловро Јотиќ, кој доаѓа од редовите на ППД Загреб. Јотиќ со Еурофарм Работник потпиша договор на две години. 24-годишниот ракометар кој е висок 191 сантиметри е хрватски репрезентативец, негова природна позиција е среден бек, но одлично може да се снајде и како лев бек.
Во својата кариера има големо искуство, играјќи во СЕХА лигата и Лигата на шампионите, а беше дел и од последното Светско првенство во Германија и Данска , откако Лино Червар го повика како замена за повредениот Лука Циндриќ. Јотиќ е шестото летно засилување за Еурофарм Работник кои интензивно се подготвуваат за историските настапи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата.