Светскиот совет за моторспорт на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) ги објави промените во спортската регулатива на Формула 1 за претстојниот викенд за Големата награда на Емилија-Ромања.
Сите промени се поврзани со дводневниот формат, кој ќе се користи на „Имола“, каде што ќе има само 90-минутен слободен тренинг кој ќе се одржи во сабота наутро, пред квалификациите за натпреварувањето. Една од промените е поврзана со времето помеѓу тренингот и квалификации, кое за време на нормалните викенди е два часа, додека кај Имола ќе се зголеми за 30 минути.
Најзначајната промена за третиот тркачки викенд во Италија годинава ќе биде помалиот број гуми што ќе ги имаат пилотите, наместо 13 комплети за сув асфалт, тие ќе имаат само 10, од кои три ќе треба да бидат вратени по завршувањето на слободниот тренинг. Распределбата на гумите за сите пилоти повторно, како и во текот на целата сезона, ќе биде иста, бидејќи тие ќе добијат два сета тврди и средно тврди и шест од меките смеси.
„Спортските правила за дводневниот формат беа изгласани и одобрени од Светскиот совет за моторспорт“, рече директорот на трките во Формула 1, Михаел Маси.