Генералните секретари на најголемите федерации одржаа работен состанок во Куќа на фудбалот

0

Генералниот сектретар на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Филип Поповски иницираше работен состанок во „Куќа на фудбалот“ со претставници на најголемите спортски асоцијации во нашата држава. На состанокот присуствуваа првите оперативци на КФСМ и ОФМ, Владимир Георгиевски и Зоран Карановиќ, претставникот на РФМ, Славе Николов, како и комесарите за натпреварувања во четирите наши најголеми федерации.

Главна тема на состанокот беа здравствените протоколи за спортските натпревари и предизвиците со кои се соочуваат организаторите на натпреварувањата во пресрет на новата натпреварувачка сезона, а се во директна поврзаност со мерките за заштита на здравјето на спортистите и спортските работници.

Спроти почетокот на новата натпреварувачка сезона и репрезентативните квалификациски натпревари, федерациите веќе изготвија свои здравствени протоколи одобрени од надлежните институции, но суштинската забелешка која присутните ја споделија, се однесува на различното толкување во однос на тестирањето и евентуалната потврда за присуство на вирусот SARS-CoV-2 (Covid-19) кај спортистите кои извршиле тестирање и начинот и постапката за евентуално одредување карантин или самоизолација на поединци, односно група на спортисти.

Генералните секретари од Националните федерации се согласија дека една од важните иницијативи која федерациите ќе ја предложат до надлежните институции е формирање на посебно, стручно тело во рамки на државниот орган за спорт, чија обврска би била комуникација, соочување и решавање на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат федерациите и спортските тимови во услови на пандемија, сѐ со цел навремено да започнат националните првенства.

„За нас, како Фудбалска федерација на Македонија е исклучително важно да го започнеме новото првенство според предвидениот календар, од причина што веќе од идниот месец ќе бидеме организатори и на низа меѓународни натпревари на репрезентациите, а тимовите ги очекуваат и натпревари од европските купови. ФФМ од месец март изготви протокол за фудбалски натпревари, клубовите веќе ги работат тренинзите и контролните натпревари според тој здравствен протокол, но сепак останува нејасна постапката во однос на патувањата надвор од државата и враќањето на екипите и репрезентациите во нашата држава. Она што е важно да напоменеме е дека ние во пропоцизиите за натпреварување ќе донесеме посебни забелешки поврзани со здравствениот предизвик со кои сите се соочуваме“, истакна Филип Поповски, генералниот секретар на ФФМ.

Претставниците на кошаркарската, одбојкарската и ракометната федерација истакнаа дека ситуацијата во која се наоѓаат е веројатно покомплексна бидејќи натпреварите се играат во затворен простор, но ги споделија речиси истите проблеми со кои се соочуваат во однос на тестирањето на играчите и официјалните лица, како и патувањата надвор од државата за клупски и репрезентативни натпревари. Изразија надеж дека државните институции треба да најдат начин да бидат и логистичка, па дури и финансиска поддршка во однос на почетокот на натпреварувањата и тестирањето на екипите.

Заклучоците од состанокот ќе бидат презентирани до здравствените власти во нашата држава и до државното тело за спорт.

Share.

Leave A Reply