Француската ѕвезда на Атлетико Мадрид ќе го напушти клубот по 1 јули. Тој им ја соопштил веќе својата намера на раководството на клубот, односно на тренерот Диего Симеоне и претседателот на клубот Мигуел Анхел Хил Марин. Од Атлетико исто така ја објавија информацијата преку својот официјален профил на „Твитер“, што значи дека има клуб кој е подготвен да ја плати откупната клаузула на Гризман во износ од 120 милиони евра.
Минатата сезона Гризман беше блиску до Барселона, но во последен момент го обнови договорот со Атлетико до 2023 година со плата од 23 милиони евра по сезона. Тогаш Французинот дури имаше подготвено два клипа – еден во случај остане, и друг ако ја избере Барселона. Постапката тогаш не им се допадна на навивачите на каталонците, па затоа на последниот натпревар помеѓу двата тима тој не беше добро примен на „Камп Ноу”, а сега очекувањата се да се пресели токму во Барселона.
Светскиот шампион од 2018 година пристигна во Атлетико пред пет години од Реал Сосиедад. 28-годишниот Французин има 256 натпревари за Атлетико Мадрид во кои постигна 133 погодоци. Во специјалното видео кое го постави Атлетико, тој му се заблагодари на клубот за неверојатните искуства, но истакна дека му се потребни нови предизвици без да се нагласува каде ќе ги најде.
„Тоа беше тешка одлука. Вие ќе останете засекогаш во моето срце “, мислејќи на навивачите. Тој стана трет клучен играч на Атлетико, кој заминува од клубот по Лукас Хернандез (Баерн Минхен) и Диего Годин (Интер).