Италијанскиот гигант Интер се пофали со ангажирањето на уште едно засилување, се работи за Сенегалскиот фудбалер, Балде Кеита.
Овој фудбалер ќе игра како позајмен за „нероазурите” од составот на Монако, а по крајот на сезоната ќе може да биде откупен за сума од 34 милиони евра. 23-годишниот Сенегалец се враќа во италијанската Серија А, каде пред да премине во Монако, играше за Лацио.
Денес Кеита успешно ги помина медицинските тестови, а потоа потпиша договор со Интер. Минатото лето Балде Кеита го напушти Лацио за 30 милиони евра, но неговиот трансфер во Монако се покажа неуспешен. Овој фудбалер постигна 8 гола и направи 11 асистенции во 33 натпревари, но и со ова не се наметне како стартер во составот на Леонардо Жардим.
Така Кеита станува седмото ново засилување во составот на Лучијано Спалети по Лаутаро Мартинез, Матео Политано, Раџа Наинголан, Квадво Асамоа, Стефан де Фрај и Шиме Врсаљко.