Италијанскиот скијач Доминик Парис е победник на денешната супер велеслаломска трка во машка конкуренција која се одржа во Бормио, Италија.
Домашниот натпреварувач успеа да ја мина патеката за време од 1:29.95 минути и беше побрз за само една стотинка од второпласираниот Матиас Маер од Австрија. Третото место му припадна на Александар Омод Килде од Норвешка, кој заостануваше 0.46 секунди зад победникот парис.
Оваа победа во Бормио е втора за Парис во само 24 часа, откако претходно успеа да победи и во спуст трката. Тој досега има остварено четири победи на оваа патека во рамки на Светскиот куп, со што тој стана најуспешен по бројот на победи во Бормио. Со победата Парис дојде до 366 бода во генералниот пласман и се наоѓа на петтото место.