Германскиот фудбалски стручњак на клупата на Ливерпул, Јирген Клоп водејќи го својот тим минатата сезона имаше фантастични успеси и заслужено е избран за тренер на годината во изборот на ФИФА.
Клоп успеа да ја освои Лигата на шампионите откако во финалето го совлада Тотенхем, додека во Премиер лигата се бореше за титула до последното коло со тимот на Манчестер Сити.
„Благодарност на сите луѓе што помогнаа за да ја добијам оваа награда, почнувајќи од семејството, па се до тимот. Никој не очекуваше дека ќе бидам тука толку скоро. Благодарност до Ливерпул, благодарност до сопствениците што ми овозможија да имам таков одличен тим. За да си најдобар тренер, треба да имаш најдобар тим. Сите знаеме што направија Пеп и Маурисио, затоа не ги разбирам индиидуалните награди“, изјави Клоп.
Во конкуренцијата за првото место, Јирген Клоп беше подобар од предводникот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола и Маурисио Почетино од Тотенхем.