Металург имаше среќа и доби релативно лесен противник во второто квалификациско коло за Европската лига, откако ждрепката одреди дека ќе се сретне со Кринс Луцерн.
Швајцарскиот тим во никој случај не смее да се потцени, а то аго вели и стратегот на Металург, Зоран Кастратовиќ.
„Пред ждрепката, Кринс Луцерн беше еден од клубовите што најмногу ги посакував. Сметам дека фаворитската улога и во овој дуел му припаѓа на Металург, но истата ќе мораме да ја оправдаме на терен. Засега немаме многу информации за противникот, каде игра и поранешниот ракометар на Металург – Лапајне, но ќе биде многу лошо за нас доколку го потцениме противникот. Се работи за цврст и добар тим, кој многу лесно ја реши Дубрава во првото квалификациско коло. Тоа особено важи за средбата во Хрватска, каде Кринс славеше со огромни 9 голови разлика. Како и да е многу работи зависат од нас, доколку ние одиграме онака како што треба, тогаш веројатно ќе немаме проблем. Не смееме да дозволиме да ни се повтори средбата со Спачва во Винковци, каде, место да го докрајчиме противникот, претрпевме пораз. Во наредниот период сите заедно ќе работиме и ќе се обидиме да ги отстраниме сите недостатоци во нашата игра“, изјави Кастратовиќ.
Металург повторно треба првиот натпревар да го игра во Скопје, а истиот е закажан за 22 септември. Реваншот седум дена подоцна ќе се одигра во Луцерн, па при позитивен исход од двомечот, Металург ќе се пласира во групната фаза од Европската лига каде веќе се наоѓа нашиот втор преставник, Еурофарм Пелистер.