Манчестер Сити освои три трофеи оваа сезона во Англија, ја одбрани титулата во Премиер лигата, и ги освои пехарите во Лига купот и ФА Купот, но очигледно дека ќе остане без својот капитен Винсент Компани.
Белгискиот интернационалец најави дека го напушта клубот по завршувањето на оваа сезона. Цели 11 сезони тој беше дел од тимот кој оваа година испиша историја со освојувањето на првата тројна титула. Неговиот погодок за победа против Лестер беше еден од моментите поради кои екипата заврши на врвот во Премиер лигата втора година во низа.
Винсент Компани синоќа по финалето на „Вембли“ со писмо им се заблагодари на навивачи и на клубот:
„Безброј пати сум го замислувал овој ден. После сѐ, дојде време за крај, после толку многу години. Манчестер Сити ми даде сѐ. Се обидов да вратам колку што можев. Тешко ми е да ги задржам емоциите, се чувствувам благодарно, на сите кои ме поддржаа на оваа авантура во овој посебен клуб. Се сеќавам на првиот ден, кристално чисто како и на последниот. Се сеќавам на нестварната љубезност на луѓето во Манчестер. Никогаш нема да ја заборавам вашата лојалност, особено не онаа во најтешките времиња. Секогаш ми дававте ветер во грб и поради тоа не се откажав“, напиша во писмото капитенот на Манчестер Сити кој дојде во оваа екипа во 2008 година.