Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и вториот пораз во циклусот квалификации за ЕП 2021. На гостувањето во Перм, избраниците на Ацо Тодоров беа поразени од Русија со 77-67.
Во меч во кој се носевме егал со домашните цели 40 минути, добивме шанса во финишот да се бориме и за многу подобар резултат, но откако стигнавме на минус три (70-67) не успеавме да искористиме напад за евентуално израмнување, по што следуваа серија грешки кои Русија ги казни и на крајот дојде до комотна предност за победа.
Витингтон и Магдевски со по 14 поени беа најефикасни во нашата репрезентација, додека кај Русија вистински лидер беше Витали Фридзон кој средбата ја заврши со 23 поени.