Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, по натпреварот против Чиле и победата која ни донесе пласман на 15. место на Мундијалот, истакна дека е добро што го завршивме првенството со победа и дека оваа селекција во иднина може да биде многу подобра.
„Овие натпревари се најтешки за играње. Не решаваат ништо, но многу поубаво е да се заврши со победа отколку со пораз. Сите играчи добија шанса, посебно младите, кои видоа како е да се игра на СП и како е да се победи. Убаво е да се заврши со победа, без разлика што се случуваше на овој шампионат. Тешко е сега да се дава анализа, треба прво да се отспие, па да се видат работите убаво и да се даде заклучок. Мора да ги поправиме грешките. Разликата од претходниот Мундијал е нашата годишна старост. Ја имаме една од најмладите екипи на првенството. Игравме седум натпревари во 11 дена, треба на сите да им се честита, посебно на постарите кои минаа повеќе време на теренот и ги бранеа боите на Македонија. Не сум задоволен, ниту пак сум разочаран. Ако се фатиме за работа, во оваа репрезентација има голем потенцијал. За одредено време може да се направи да бидеме респектибилна репрезентација“, истакна Лазаров по натпреварот со Чиле.