Кавај Ленард погоди со звукот на сирената и го однесе торонто во полуфиналето на плеј-офот во НБА лигата во „мајсторката“ одиграна рано утринава во Торонто. Репторс дојдоа до четвртата победа и му се приклучија на Милвоки во конференциското финале на Истокот.
Торонто славеше над Филаделфија со 92:90 во меч со многу неизвесност до самиот крај. Пред победничкиот шут на Ленард, Џими Батлер положи за израмнување на 4,2 секунди пред крајот на средбата. Торонто на тајм-аутот подготви акција за Ленард, кој со дриблинг си избори простор за шут од самиот агол на теренот и успеа да погоди.
Ленард сам го однесе Торонто во полуфиналето откако средбата ја заврши со 41 поен со 8 скока и 3 асистенции.
Претходно кошаркарите на Портланд дојдоа до победа на „мајсторката“ против денвер и тоа на гостински терен. Таму од јунак во трагичар за Денвер стана Јокиќ, кој промаши едно клучно слободно фрлање во финишот и со тоа го остави тимот на негатива која беше недостижна.
Во конференциските финалиња следуваат дуели меѓу Милвоки и Торонто, односно Голден Стејт и Портланд.