Ливерпул потпиша нов договор со дефанзивецот Жоел Матип. Фудбалерот се обврза да остане на „Енфилд“ до летото 2024 година.
Оваа сезона, Матип се етаблираше во составот како еден од главните играчи и ја има улогата на незаменлив дел од тимот од почетокот на сезоната. „Црвените“ ги имаат добиено сите осум натпревари во Премиер лигата и се со осум бода предност пред нивниот главен ривал за титулата Манчестер Сити. Матип беше во стартниот состав во шест натпревари и партнер на Вирџил ван Дајк во центарот на одбраната.
„Одлично е чувството да се биде дел од клубот многу подолго. Надвор, луѓето знаат дека Ливерпул е голем клуб, но кога сте внатре, навистина чувствувате колку е големината на клубот. Има поддржувачи во секоја земја низ целиот свет. Ние сме млад и талентиран тим. Има уште многу да постигнеме“, изјави Матип по потпишувањето на договорот.
„Горд сум што сум дел од клубот. Драго ми е што мислат дека работам добра работа и сакаат да ме задржат” додаде играчот.
Матип пристигна на „Енфилд“ како слободен агент од Шалке во 2016 година. Дефанзивецот ги пропушти последните два натпревари на Ливерпул поради повреда, но го продолжи тренингот со тимот и има шанса да игра против Манчестер Јунајтед в недела.