Ливерпул и Рома приредија фантастична фудбалска вечер во првиот меч од полуфиналето во Лигата на шампионите. „Црвените“ на „Енфилд“ победија со 5 спрема 2 иако во завршните 10 минути влегоа со плус пет.
Во тој период Римјаните постигнаа два гола и се вратија во живот. Севкупно, Англичаните царуваа на теренот 80 минути. Експлозивни, борбени, разиграни и желни за голови.Токму таквиот пристап им донесе предност по првиот дел со погодоците на волшебникот од Египет, Мохамед Салах, кој во 36 и 45 минута направи одличен гест и не ги прослави голови бидејќи токму од Рома во изминатото лето се пресели во островскиот тим.
Во вториот дел, домаќинот држеше висок ритам и со погодоците на Мане во 56-та и Фирмињо во 61-та и 69-та стигна до огромна предност од 5 спрема 0. Кога сите помислија дека Ливерпул ќе биде безгрижен на реваншот во Рим, гостите преку Џеко во 81-та минута и Пероти од пенал во 85-та, успеаа да го ублажат поразот и да ги задржат минималните шанси пред реваншот во Италија.