Македонија ја прокнижи и третата победа во Лигата на нации, вечерва на домашен терен го совлада тимот на Лихтенштајн со 4:1, а тоа не зацврсти на лидерската позиција во групата 4 од Лигата Д во ова натпреварување.
Македонската фудбалска селекција го започна натпреварот со целосна офанзива, а тоа донесе и брзо водство уште во десетата минута кога Александар Трајковски на додавање на Горан Пандев и донесе предност на Македонија од 1:0. На вториот гол се чекаше до 30-та минута кога повторно Пандев асистираше, а Трајковски по втор пат го совлада противничкиот голман за водство на нашата селекција од 2:0. Во 36-та минута Барди изведе слободен удар, упати силен удар, топката ја одби голманот Бухел, а таа дојде до Пандев кој го постигна третиот гол за Македонија. По само една минута грешка на одбраната на Македонија , а тоа го искористи Јилдиз и постигна гол за намалување на резултатот на 3:1 со кој се отиде на одмор.
Во вториот дел нашите фудбалери не реализираа неколку одлични шанси, но сепак во 67-та минута Алиоски доби топка по кратко проигрување од корнер влезе во шеснаесетникот на противникот , се прошета низ одбраната ан Лихтенштајн и постигна гол за водство од 4:1.
До крајот на натпреварот нашите фудбалери не реализираа уште неколку убави шанси кои можеа да ни донесат уште поубедлива победа. Интересно е тоа што овој натпревар заврши со ист резултат (4:1) како што беше пред 25 години во Крањ кога Македонија славеше против Словенија на првиот официјален натпревар за нашата репрезентација.
Во првиот натпревар од нашата група кој се одигра денес во Ереван, Гибралтар направи сензација совладувајќи ја домашната репрезентација на Ерменија со 1:0, со гол постигнат од пенал во 50-та минута. Веќе во вторник Македонија гостува кај Ерменија во Ереван и со победа ќе може да си ја обезбеди првата позиција во групата.