Манчестер Ј. и ПСЖ посакуваат убава фудбалска „бајка“ на „Олд Трафорд“

0

Вечерва во 21:00 часот се игра еден од најинтересните дуели од оваа фаза во ЛШ. Еден против друг на „Олд Трафорд” играат тимовите на Манчестер Јунајтед и Париз Сен Жермен.

Пред неколку месеци при извлекувањето на оваа двојка сите го определија францускиот шампион како апсолутен фаворит, но во моментов работите не изгледаат токму така. Новиот менаџер Оле Гунар Солскјер ги препороди „Црвените ѓаволи”, кои се подготвуваат да покажат сериозен отпор на еден од фаворитите на Лигата на шампионите.

Промената на Жозе Мурињо со Солскјер донесе неочекувано позитивен ефект во претставувањето на Манчестер Јунајтед. Тимот повторно заигра атрактивен фудбал со голема самодоверба, а уште поважно е дека резултатите се повеќе од добри. „Црвените ѓаволи” се уште не знаат што е пораз под раководство на норвешкиот тренер кој има на сметка 10 победи и само едно реми.

Во исто време ПСЖ пристигнува во Англија без две од најголемите ѕвезди. Нејмар и Единсон Кавани се со повреди и нема да можат да земат учество во денешниот натпревар, Бразилецот е во аут и за реваншот. Кон нив треба да го додадеме и одбранбениот играч Тома Муние, кој исто така отпадна за гостувањето на „Олд Трафорд”. Така тренерот Томас Тухел ќе има доста проблеми со комплетирањето на составот, но сепак тој располага со доволно добри замени на повредените, па стартниот состав со кој ќе излезе вечерва ќе биде исто така опасен.

Манчестер Јунајтед, исто така, има двајца играчи надор од комбинација за оваа средба. Тоа се дефанзивците Антонио Валенсија и Матео Дармиан. Добрата вест за Солскјер е тоа што Виктор Линделоф е подготвен и веќе тренира со тимот и се очекува да биде на теренот вечерва

Необичен факт е дека ова ќе биде првиот официјален натпревар меѓу Јунајтед и ПСЖ. Досега се имаат сретнато само на пријателски натпревар во 2015 година кога победи ПСЖ со 2:0. Во претходните 5 дуели меѓу англиските и француските тимови во Лигата на шампионите, четири пати понатаму продолжуваа француските претставници. Друг важен факт што треба да се забележи е дека Парижаните се тим со најголем број голови постигнати досега во ЛШ оваа сезона – 17. Значи, тие остануваат крајно опасни во нападот, дури и без Нејмар и Кавани. Во исто време, Јунајтед доби само 1 од неговите последни 9 натпревари во елиминациите на Лигата на шампионите.

Можни состави за Манчестер Јунајтед и ПСЖ:

Манчестер Јунајтед: Де Геа, Јанг. Линделоф, Џонс, Шоу, Матиќ, Херера, Погба, Лингард, Рашфорд, Марсиал.

ПСЖ: Буфон, Кеерер, Кимпембе, Силва, Бернат, Маркинос, Верати, Алвеш, Дракслер, Ди Марија,Мбапе.

Стадион: „Олд Трафорд“
Судија: Даниеле Орсато (Италија)

Share.

Leave A Reply