Напаѓачот на Баерн Минхен, Томас Милер, смета дека баварците не покажале доволно рационалност и ладнокрвност за време на синоќешниот прв полуфинален меч од Лигата на Шампионите против Реал Мадрид.
„Бевме малку наивни. Постигнавме гол, направивме уште шанси, но им дозволивме да израмнат непосредно пред одморот, а брзо по почетокот на второто полувреме веќе беше 1:2. Дозволивме голови по наши грешки кои не можеме да си ги дозволиме. Во второто полувреме се случуваше нешто чудно, топката не сакаше да влезе во голот на противникот. Не можеме да бидеме задоволни од ваквата игра. Видовме како Реал ги користи своите шанси. Треба да бидеме значително поефикасни кога ќе се најдеме пред голот. Не се предаваме. Во Мадрид веќе победивме минатата сезона, но ни треба менталитет на убиец“, вели Милер.