Она што се очекуваше , тоа и се случи, репрезентацијата на Хрватска по одличниот настап на Светското првенство (СП) во Русија кој беше најдобар резултат на оваа селекција и освоено сребро се врати во татковината, а навивачите им приредија спектакуларен пречек.
Фудбалерите, стручниот штаб предводен од селекторот Далиќ беа пречекани од над 300.000 луѓе кои излегоа на улиците на Загреб, што е најголем пречек во историјата на Хрватска за некој спортски колектив. На плоштадот „Бан Јелачиќ“ немаше место каде игла да падне, а во боите на Хрватска се славеше за успехот на фудбалерите.
И самите актери на Мундијалот беа одушевени од пречекот. Фудбалерите, повеќе од пет часа се возеа со специјален автобус од аеродромот до плоштадот, а во текот на нивното патешествие низ улиците на Загреб беа преплавени со песни и скандирања од навивачите кои само ја надополнија убавата атмосфера на овој пречек.