Фановите на Њукасл уште еднаш излегоа на улиците на центарот на градот во знак на протест против сопственикот Мајк Ешли и менаџментот на клубот.
Поддржувачите одамна не се задоволни од постапките на шефот, а ова лето напнатоста повторно се зголеми по разделбата со менаџерот Рафаел Бенитез.
По долго чекање, вчера, Стив Брус беше назначен за нов тренер, со договор за три сезони. Тој стана десеттиот менаџер во 12-годишната историја на Њукасл во рацете на Ешли.
„Ова нема никаква врска со Брус, но тој не може ништо да направи. Ешли само го уништува клубот и во последните 12 години ги продава нашите најдобри играчи без да ги замени. Тој прави сé за да го уништи Њукасл, кој испадна двапати по неговото доаѓање тука“, изјавија дел од водачите на навивачките групи.