Интернационалниот мајстор, Никола Николовски, е победник на возобновениот шаховски турнир – „Скопје Опен“, кој заврши доцна синоќа со учество на околу 80 шахисти.
Според стартниот рејтинг тој беше трет носител на турнирот но, успеа да дојде до првото место на табелата со 7,5 бодови од 9 партии во кои забележа шест победи а три пати ремизираше. Со идентичен ефект како и 21-годишниот шахист од Македонија беа и ИМ Борољуб Златановиќ (Србија) и ИМ Вјачеслав Тиличеев (Русија), кои на крајот според „тај-брејк“ критериумите (популарно познат како „Бухолц“) беа рангирани на второто и третото место.
„Скопје Опен“ е предвесник за поубава шаховска иднина која македонските љубители на древната игра ја заслужуваат. Ние увидовме дека мора да се стави акцент на настаните за македонските играчи а „Скопје Опен“ е само почеток“- рече Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој беше организатор на турнирот.