Крилниот напаѓач на Интер, Иван Перишиќ оваа сезона ќе игра за Баерн Минхен, официјално ова го објавија од „Алијанц арена“.
30-годишниот Хрват пристигнува како позајмен играч до крајот на сезоната со опција да го откупат следното лето. Според неофицијалните информации, Баварците ќе му платат на миланскиот клуб 5 милиони евра за позајмица, а откупната клаузула е 20 милиони евра.
„Иван ќе ни помогне со своето долгогодишно искуство на теренот. Тој е одличен техничар и подвижен во нападот. Сигурен сум дека Иван брзо ќе се прилагоди во нашиот клуб“, рече спортскиот директор на Баерн Минхен Хасан Салихамиџиќ.
„Многу ми е драго што се вратив во Германија. Баерн е еден од најголемите клубови во Европа. Ние сакаме да се бориме не само за титулата и Купот на Германија, туку и за Лигата на шампионите“, рече фудбалерот, кој претходно го носеше дресот на Интер, Волфсбург и Борусија Дортмунд.