Олимпик Марсеј и Атлетико Мадрид вечерва по трофеј во Лига Европа

0

Вечерва се игра последниот натпревар од најмасовното фудбалско натпреварување под капата ан УЕФА, Лигата на Европа.

Екипите на Олимпик Марсеј и Атлетико Мадрид се двете екипи кои според резултатите обезбедија присуство на стадионот во Лион каде вечерва треба да се борат за трофејот во второто по квалитет натпреварување.

Без никакво сомнение шпанскиот тим е фаворит за победа во овој финален натпревар, но дефинитивно Олимпик со искусниот Руди Гарсија на клупата воопшто не е за потценување.

Роландо и Митроглу се под сериозен знак прашалник за настап на оваа средба, но сепак докторите ќе направи напори доколку има и минимални шанси да се најдат во составот на Олимпик на оваа средба која е најважна во сезоната  која завршува.

Хименес и Витоло од составот на Атлетико се исто така под знак прашање и за нив не е јасно дали ќе можат да играат на  денешниот натпревар.

Ова ќе биде и првата средба меѓу овие два тима во Европа од сезоната 2008/09, кога Шпанците забележаа победа и нерешено против Олимпик Марсеј во групната фаза на Лигата на шампионите.

Марсеј до моментов имаат две загубени финални натпревари во второто по ранг натпреварување во Европа – во 1999 година од Парма и во 2004 година од Валенсија, а ова ќе биде трет обид на тимот од „Велодром“ да триумфира во Лигата на Европа.

Ако денес Марсеј победи, тогаш тие ќе станат и првиот француски тим кој победил во големо натпреварување во Европа откако ПСЖ го освои КПК во 1996 година, кога во финалето го совлада Рапид (Виена).

Освен тоа средбата ќе биде и прво финале меѓу француски и шпански екипи по финалето во 2004 година, кога Валенсија го совлада Марсеј во финалето на тогашниот куп на УЕФА, како што беше името на ова натпреварување.

Ова ќе биде четврто еврофинале за Диего Симеоне на чело на Атлетико, откако го презеде тимот во сезоната 2011/12. Досега Аргентинецот загуби две финалиња во Лигата на шампионите и освои едно во Лига Европа.

Марсеј има доста негативна статистика против шпанските тимови и добил само 4 од 15-те натпревари против тимови од Шпанија во европските клубски натпреварувања, а воедно има 8 порази.

Tренерот на Олимпик Марсеј Руди Гарсија вели дека Атлетико (Мадрид) е апсолутен фаворит за вечерашниот финален натрепревар во францускиот град Лион.

Гарсија сепак е категоричен дека на родната земја неговите фудбалери се подготвени да дадат се од себе и да го освојат трофејот за прв пат за Франција.

„Шансите не ни се големи, но ние ќе дадеме се од себе. Натпреварот против Атлетико е голем предизвик. Тоа е клуб кој во последните четири години двапати игра финале во Лигата на шампионите, а неодамна ја освои и Лига Европа. Но финалето на домашен  терен во Франција е фантастична можност за нас. Досега француски клуб го нема освоено овој трофеј. Би било исклучително убаво ако ние станеме првиот тим кој го освоил овој трофеј”, изјави Гарсија.

Тренерот на Атлетико Мадрид Диего Симеоне манифестираше голема почит спрема противникот во претстојното финале во Лига Европа Олимпик Марсеј за време на прес-конференцијата пред натпреварот

„Вечерва  играме уште еден финален меч. Има возбуда и емоции, но ние сме цврсто на земјата. Ќе дадеме се од себе против еден многу тежок ривал, кој работи напорно и напаѓаат добро. Тие имаат силна сезона, и дома и во Европа. Тоа ќе биде одличен финиш на сезоната. Ние сме како нив. Можеби не се толку долго заедно како нас, но сепак се многу хомоген тим”, изјави Симеоне. Аргентинецот, сепак, ќе го гледа натпреварот од трибините на стадионот во Лион, бидејќи е казнет.

Иако е роден во Макон, само 61 км од Лион, Антоан Гриземан никогаш не играл во професионален фудбалски клуб во својата родна Франција.

Ова е второ финале на УЕФА на Атлетико Мадрид  во Лион. Тие загубија со 3:0 од Динамо Киев во Купот на победниците на Куповите на поранешниот стадион „Стад Жерланд“ во Лион.

Марсеј победи на осум од деветте европски домашни натпревари оваа сезона, но само на еден од девет одиграни надвор од „Стад Велодромот“ – победа над Атлетик Билбао со 2:1.

Холандскиот судија Бјорн Кујперс кој има 45 години ќе ја дели правдта на овој финален натпревар. Кујперс, исто така, го водеше финалето во 2013 година помеѓу Челзи и Бенфика, како и финалето од Лигата на шампионите во 2014 година, во кое учествуваа Реал Мадрид и Атлетико. Судискиот тим во Лион ќе биде составен од:

Главен судија: Бјорн Кујперс (Холандија)
Асистенти: Сандер ван Рокел, Ервин Зеинстра (Холандија)
Четврти судија: Симон Марчињак (Полска)
Дополнителни асистенти: Дани Макели, Пол ван Бокел (Холандија)

Патот до финалето на двата тима:

Олимпик Марсеј:
1/16 финале: Олимпик Марсеј – Брага 3:0 и 0:1
1/8 финала: Олимпик Марсеј – Атлетик Билбао 3:1 и 2:1
¼ финале: Олимпик Марсеј – Лајпциг 0:1 и 5:2
½ финале: Олимпик Марсеј – Салцбург 2:0 и 1:2

Атлетико Мадрид:
1/16 финале: Атлетико Мадрид  – ФК Копенхаген 4:1 и 1:0
1/8 финала: Атлетико Мадрид  – Локомотив Москва 3:0 и 5:1
¼ финале: Атлетико Мадрид  – Спортинг Лисабон 2:0 и 0:1
½ финале: Атлетико Мадрид – Арсенал 1:1 и 1:0

Олимпик (Марсеј) – Атлетико (Мадрид)
стадионот “Парк Олимпик Лион”, Лион. 20:45 часот.

Најверојатно екипите ќе настапат во следните состави:
Олимпик Марсеј:
Пеле, Амави, Густаво, Рами, Сар, Лопез, Сансон, Окампос, Паје, Товин и Жермен

Атлетико (Мадрид):
Облак, Савиќ, Годин, Хуанфран, Луис, Кореа, Габи, Нигес, Коке, Гризман и Коста

Share.

Leave A Reply