Остојиќ: Скопје ќе има Ф4 спектакл, доаѓа и Видерер

0

„Скопје ќе добие Ф4 турнир каков што досега немало овде. Ќе се потрудиме се да изгледа беспрекорно. Подготовките се уште траат, но се ќе биде подготвено до утре до 17 часот пред првиот меч од полуфиналето“, вели директорот на СЕХА Газпром лигата, Синиша Остојиќ, кој денеска беше гостин во програмата на Спортското радио 90.3 фм во пресрет на финалниот турнир од регионалното натпреварување.

Директорот на СЕХА Газпром лигата потврди дека над 350 луѓе работат на организација на целиот настан, повеќе од 150 новинари се акредитирани за настанот, а истиот ќе биде директно пренесуван во 6 земји.

„Меѓу гостите кои се најавија е и првиот човек на Европската федерација, Михаел Видерер, кој ќе го гледа финалниот натпревар. Најавено е присуство и на маркетинг директорот на ЕХФ и уште многу други од останатите лиги во Европа и од големите клубови. Ова само покажува дека СЕХА лигата има партнерски однос со ЕХФ и не случајно ја сметаат за третата најсилна лига во Европа“, дополни Остојиќ во интервјуто.

На новинарско прашање за иднината на лигата и интересот за вклучување на нови земји и клубови, Остојиќ изјави: „Се е во рамките само на разговорите. Разговараме со Унгарците, со Полјаците, со неколку поединечни клубови. Еве ќе ви кажам разговаравме и со Барселона, но за да се дојде до решение треба заеднички потпишан договор, а за него треба да се исполнат и некои предуслови. Сега останува да ја завршиме оваа сезона, па веднаш да почнеме да ја подготвуваме следната.“

Share.

Leave A Reply