Панчев за СПОРТСКО РАДИО 90,3: „Имаме добар тим, добар тренер, зошто да не ја продолжиме серијата домашни победи“

0

Вардар се наоѓа пред својот деби настап во групната фаза од Лигата на Европа, а ние разговаравме со спортскиот директор на Вардар, Дарко Панчев кој во интервју за Спортското радио 90,3 даде свое видување за досегашниот успех на Вардар, за тоа како гледа на учеството на нашата екипа во Лига Европа, но и за тоа какви се шансите на Вардар против Зенит.

„Ваквиот систем на натпреварување во групи многу повеќе им одговара на големите екипи, затоа што mоже да си дозволат да направат кикс и да се поправат во слeдниот натпревар за разлика кај елиминациите каде во два натпревари се решава се и мора да бидат сконцентрирани цело време. Нас ова прв пат ни се случува да играме во групи, но сепак се надевам дека добро ќе се справиме со тоа. Се сеќавам дека во 1992 година со Црвена Ѕвезда игравме вака во групи во Лигата на Шампионите, беше еден вид на тест проба на УЕФА, тогаш бевме поделени во две групи, а во нашата група беше и Сампдорија каде настапуваше сегашниот тренер на Зенит Роберто Манчини, ќе го потсетам кога ќе се видиме во Скопје. Сакам да кажам еден податок кој е навистина интересен, а тоа е дека Вардар е можеби екипата која влегла во групна фаза од ЛШ или ЛЕ со најмал буџет, не е тајна дека нашиот годишен буџет е околу 4 милиони евра и затоа за Европа беше големо изненадување пласманот на Вардар во ЛЕ, секако за нас е тоа голем успех, но тоа е показател дека со многу работа, добра селекција и нормално со продолжување на финансирање на овој проект од страна на сопственикот на клубот можат и понатаму да се прават успеси“ изјави Дарко Панчев.

Спортскиот директор на ФК Вардар, Дарко Панчев се осврна и на противниците кои ги има Вардар во групата од Лигата на Европа.

„Можеби за некого не се атрактивни противниците, но да бидеме реални Зенит и Реал Сосиедад се екипи кои се во врвот на своите земји, Зенит изминатите десетина години можеби е меѓу најдобрите 20 клубови во Европа, додека Реал Сосиедад е секогаш меѓу првите 6-7 екипи во Ла Лига која е многу силна лига и тоа доволно зборува за квалитетот на противниците. Розенборг е редовен учесник во еврокуповите, а за да дојде овде го елиминираше минатогодишниот финалист Ајакс, така да нема слаби противници, впрочем тоа го покажа и Вардар со тоа што го елиминираше Фенербахче“ додаде Панчев.

Вардар го очекува првиот натпревар од Лига Европа, гостува Зенит кој е клуб со многу поголемо искуство и буџет, сепак Вардар сака да се надигрува.

„Ни доаѓа клуб кој купи играч од Рома за кого плати десет пати повеќе од вкупниот буџет на Вардар, тоа се некои паралели кои на крај одлучуваат, но бидејќи се работи за домашен терен и наша екипа која има одредено искуство сметам дека ќе пружиме голем отпор на Зенит, а зошто и да не ги изненадиме. За мене ќе биде голем успех доколку победиме или одиграме нерешено, но не смееме да се разочаруваме ако изгубиме затоа што големи се разликите во денешниот фудбал. Имаме свој квалитет, имаме добри момци, сега и добар тренер со големо меѓународно искуство и дај боже да ги изненадиме, да продолжиме со добра серија на победи на домашен терен“ заврши Дарко Панчев, спортскиот директор на ФК Вардар.

Share.

Leave A Reply