Денеска во о.у. „Гоце Делчев“ во Тетово по 42. пат ќе се одржи меморијалниот одбојкарски турнир, „Бранко Хаџииљовски – Чајка“. На прес-конференција, организаторите и Агенцијата за млади и спорт, повикаа на голема посетеност на денешните финални борби за да се продолжи традицијата не една од најстарите спортски манифестации во нашата земја.
„И оваа година, активно го поддржуваме овој турнир кој е насочен на промоција на одбојката и спортот во нашава земја. Можам да потврдам дека и понатаму активно ќе ги поддржуваме ваквите настани, но и сите останати кои се во организација на Одбојкарската федерација. Ги поканувам сите љубители на одбојката да дојдат во о.у. ’Гоце Делчев’ и да уживаат во натпреварите“, истакна директорот на АМС, Дарко Каевски.
За денеска останува да се одигра и вториот полуфинален меч на турнирот меѓу екипите на Рудар Пљевља од Црна Гора и Работнички од Скопје, по што ќе следува мечот за 3. место и финалето.