По 4,5 месеци, вечерва се враќа НБА лигата

0

Љубителите на НБА кошаркарската лига ќе можат повторно да уживаат во мајсториите на НБА ѕвездите затоа што од вечерва после полноќ ќе се одиграат првите официјални натпревари од НБА лигата после пауза од четири месеци и 18 дена. Први натпревари се Њу Орлеанс – Јута во 30 минути по полноќ, и градското дерби Лејкерс – Клиперс во 3 часот по полноќ.

Најсилната кошаркарска лига на светот беше прекината кога стигна веста дека центарот на Јута џез, Руди Гобер, е позитивен на коронавирусот.

Завршницата на сезонава ќе биде многу поинаква од она што беше досега. Наместо 30, ќе играат 22 тима, натпреварите ќе се играат на едно исто место во Светот на Дизни во Орландо, и нема да има публика. Исто останува тоа што во плејофот ќе се игра во четири добиени средби и во разигрувањето ќе играат осумте најдобри тимови од двете конференции. Секој тим ќе одигра по осум меча од регуларната сезона, а може да се случи и за првпат да има бараж за осмото место. Регуларната сезона е планирано да заврши на 14-ти август.

Паузата им помогна на некои екипи кои имаа повредени играчи да им се вратат во погон, а за некои ова е негативно. Милвоки заедно со двата тима од Лос Анџелес, Лејкерс и Клиперс се сметаат за главни фаворити во борбара за титулата.

Share.

Leave A Reply