Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ синоќа беше дисквалификуван од натамошните настапи на УС Опен, откако на дуелот од осминафиналето протв Шпанецот Карењо-Буста, непромислено со топче ја погоди линиската судијка на мечот. По неколкуминутниот разговор со судиите, беше одлучено мечот да се прекине, а Ѓоковиќ да биде дисквалификуван.
Неколку часа подоцна се огласи и самиот тенисер.
„Целата оваа ситуација ме прави навистина тажен и празен. Проверив како се чувствува судискиот судија и според информациите што ги добив, таа се чувствува добро, фала му на Бога. Не можам да го откријам нејзиното име за да ја зачувам нејзината приватност. Навистина ми е жал што и нанесов таков стрес. Не беше намерно. Не беше во ред. Сакам ова непријатно искуство, дисквалификација од турнирот да го претворам во важна животна лекција, за да можам да продолжам да растам и да се развивам како личност, но и како тенисер. Им се извинувам на организаторите на УС Опен. Јас сум многу благодарен на мојот тим и семејството што ми дадоа силна поддршка, како и на моите навивачи бидејќи тие се секогаш со мене. Ви благодарам и жал ми е. Ова беше тежок ден за сите“, порача Ѓоковиќ.