Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција по повод освоениот европски сребрен медал во таеквондо.
„Особена чест ми претставува што денес, кај нас, во куќата на спортот е Дејан Георгиевски, Вицешампион на Европа во таеквондо. Од таа причина, најпрвин би сакал искрено да му честитам првенствено на Дејан, за освоениот сребрен медал, а на челниците на Националната федерација да им се заблагодарам за успешно остварените цели и за сите досегашни резултати, кои овозможија овој спорт да се стави на врвот на спортовите во нашата држава. Нашите очекувања се со сигурност ваша крајна цел, а тоа е остварување на олимписка норма за Токио“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.
Тој додаде дека Агенцијата за млади и спорт останува на ставот дека остварувањата се резултат на макотрпна работа не само на спортистите, туку и на целокупниот стручен штаб на чело со федерацијата, кои со своите успеси докажуваат дека поддршката е на вистинска адреса.
„Само бод ме делеше од златото, но понекогаш мал пад на концентрацијата или спортската среќа се пресудни во овој спорт. Искрено се надевам дека претстојните квалификации за ОИ , кои се закажани за Мај 2021 во Софија ќе бидат последен чекор на мојот пат за Токио“, истакна Георгиевски.
„Освоеното сребро на Европско сениорско првенство во олимписко таеквондо кое се одржа во Сараево е историски медал за македонскиот олимписки спорт, а овој медал се вбројува во неколкумина медали на официјални Европски првенства освоени во олимписки спортови одкако Македонија е независна држава“, истакна претседателот на таеквондо федерацијата и тренер, Борче Костовски.