Лацио и понатаму има големи проблеми со играчи кои се заразени со коронавирусот. Од клубот потврдиле дека имаат неколку позитивни тестови меѓу фудбалери кои биле направени вчера.
Сепак, имињата сè уште не се откриваат. Уште во вторникот стана јасно дека голем број играчи или се носители на вирусот или се во контакт, па затоа вкупно 12 играчи не отпатуваа во Белгија на мечот со Бриж (1:1) во Лигата на шампионите. Вчера, имаше информации дека има петмина со КОВИД-19.
Денес ќе бидат земени нови примероци од сите во тимот и во зависност од резултатите ќе се одлучи кој ќе влезат во групата за мечот со Торино од Серија А, кој се игра утре од 15 часот. Засега нема индиции дека средбата може да се одложи.
Според здравствениот протокол, екипата мора да излезе на теренот ако има најмалку 13 здрави играчи, од кои барем еден е голман.