Ракометарките се собраа пред бараж дуелите со Словенија

0

Во пресрет на дуелите со селекцијата на Словенија, денеска во СЦ „Борис Трајковски“ својот прв собир го имаше женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија. Ракометарките предводени од селекторот Симе Симовски, денеска почнаа да ги одработуваат тренинзите до првиот меч со Словенките закажан за в недела.

„Уште кога беше ждрепката рековме дека Словенија не е Данска или Норвешка, но селак се силна селекција. Ако ги видите нивните настапи на последните турнири, ќе видите дека е репрезентација за респект. Ние ја посакувавме, но без разлика што во моментов се фаворити, ние немаме намера да се предадеме. Она што јас го посакувам, тоа е тимска игра. Само тоа може да ни биде пат до успех од овој бараж двомеч“, изјави Симовски на денешниот собир во Скопје.

Една од најискусните во нашиот тим и капитен на нашата селекција, Елена Георгиевска, за очекувањата од пресметката со Словенките вели:

„Словенија е фаворит, но јас искрено се надевам, дека по долго време добивме противник против кој може да се игра и сега треба да покажеме што знаеме. Тешко е што вториот меч ќе биде на гости, но сега мора да се фокусираме на мечот в недела кај нас и секако да се обидеме да направиме добар резултат. Ако го дадеме максимумот се надевам дека може да направиме успех и да ја видиме Јапонија“.

Share.

Leave A Reply