Раул: Фаворити сме, но не смееме да се опуштиме

0

Македонскиот ракометен шампион Вардар го очекува последниот меч од Лигата на шампионите за оваа календарска година. Противник е екипата на Кристијанштад, а тренерот на Вардар, Раул Гонзалез и покрај тоа што неговата екипа е фаворит очекува тежок натпревар.

„Очекувам тежок натпревар затоа што Кристијанштад имаат добри играчи. Знам дека сме во многу добра ситуација, први сме групата и така ќе биде до феваруари. На гости против Кристијанштад одигравме многу добар натпревар, тоа се противници кои играат брз ракомет и имаат добар контранапад. Против Пик Сегед одиграа многу добар натпревар, многу брза игра. Очекувам и тука в сабота да биде слично. Утре имаме тренинзи. Не знам уште дали ќе играат Хорхе Македа и Рожерио Мораеш”, изјави Гонзалез.

Капитенот Стојанче Стоилов, на прес-конференцијата пред овој дуел изјави дека навидум ќе имаат лесен натпревар, но тоа ќе биде само на хартија, никако  не смее да се залетаат и предвреме да мислат дека ќе дојдат до бодовите лесно.

„Во сабота играме навидум лесен натпревар, но Кристијанштад не треба да се потценува. На натпреварот со ПИК Сегед покажаа дека се незгодна, динамична екипа. Ако играме како што знаеме ќе ја оправдаме таа фаворитска улога и со победа да завршиме Лига на шампиони. Не треба да се опуштиме, досега немаме пораз и сѐ оди добро, да не ја разочараме публиката на крајот од годинава”, изјави Стоилов.

Вардар е на првата позиција во групата А и се наоѓа во добра позиција во борбата за првото место кое води директно во четвртфиналето, посебно по поразот на Рајн Некар во Загреб. Мечот со Кристијанштад се игра в сабота од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Share.

Leave A Reply