Како најава на она што ќе се случува од утре до недела во Скопје беше одржана воведна прес-конференција за седмиот завршен турнир на регионалната СЕХА лига. Вардар ја брани титулата и важи за апсолутен фаворит воочи утрешното полуфинале со Мешков Брест.
Тренерот на Вардар Раул Гонзалез е внимателен и вели дека не се залетува и затоа што знае како е да се потцени противникот ,па затоа бара од своите играчи да бидат максимално фокусирани.
„Среќен сум што овој турнир се игра во нашата сала во Скопје и пред нашите навивачи. Сите нè прогласија за фаворити, но ние се фокусираме само на првиот натпревар. Мешков Брест е одлична екипа, со одличен тренер и секогаш ни создавал многу проблеми. Сепак, јас секогаш верувам во моите ракометари и мислам дека ќе ја наметнеме нашата игра“, изјави Раул.
Навивачите на Вардар ќе мозат малку да здивнат, капитенот Столе Стоилов е подготвен и ќе може да настапи во полуфиналето на СЕХА лигата утре против Мешков Брест. Стоилов имаше повреда и не беше дел од контролниот натпревар на Македонија со Русија, но сега е подготвен да помогне на својата екипа да стигне до нов трогеј.
„Почнуваме важна мисија. Играме пред своите гледачи, против одлична екипа и водена од искусен тренер. Секоја година се соочуваме со нив и знаеме колку е тешко да се игра против нив. Се надевам дека нема да ни се случи да ја загубиме титулата како пред шест години кога ППД Загреб беше подобар. Спремен сум и повредата е минато и утре ќе настапам“, смета капитенот на Вардар.Столе Стоилов беше во тимот на Вардар кој во Загреб ја освои првата, во Нови Сад втората и во Брест третата СЕХА титула, сега во Скопје ја посакува својата четврта титула.