Ракометната репрезентација на Македонија вчера ги започа подготовките за баражот со Романија за СП 2019, а селекторот Раул Гонзалез на почетокот внимателен во изјавите, потенцира дека пред нас е голема борба со прилично непознат противник.
Иако Романците на клупата го имаат Чави Пасквал, кој на Раул му е добро познат од натпреварите со Барселона во Лигата на шампионите, сепак, романскиот тим и квалитет ќе останат енигма до неделниот меч во Скопје.
„Имаат добар тренер и добри играчи. Некои играат во најдобрите клубови во Европа. Не е битно кој е фаворит, затоа што играчите на Романија сигурно знаат да играат ракомет, големи се, високи и цврсти. Разговарав и со нашите ракометари од романското првенство. Од нив ќе добијам некои информации за начинот на кој играат. Сакаме да одиме на светското првенство, но ќе биде тешко“, вели Гонзалес.