Реал Мадрид е категоричен и цврсто се спротивстави на плановите за играње натпревари од Ла Лига во САД. Ова е објавено денес од претседателот на клубот, Флорентино Перез.
Како што е познато, Шпанската фудбалска лига се обидува да ги однесе натпреварите од првенството од другата страна на Атлантикот за да го промовира шпанскиот фудбал во Америка. Првиот избран натпревар е помеѓу Џирона и Барселона во јануари, идејата е да се одигра во Мајами.
„Ние нема да одиме во САД. Не знам кои интереси ги штитат од Лигата, но тоа сигурно не се интересите на клубовите и самите обожаватели. Затоа ние цврсто одбиваме да бидеме дел од ова”, рече Перез.
Секој ден, шансите за спроведување на проектот се намалуваат. Во петокот, Шпанската фудбалска федерација, исто така, рече дека нема да даде дозвола. Од УЕФА и ФИФА, исто така истакнаа дека не го одобруваат планот, па најверојатно овој проект ќе пропадне уште пред неговиот почеток.