По повод претстојниот меѓународен турнир – „ ФИС Ролер ски куп Тоше Проески“, денеска беше реализирана средба со новинарите на која зборуваа директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, потпретседателот на Скијачка федерација на С.Македонија, Васил Сокле и селекторот на македонската репрезентација, Ѓоко Динески.
„ Мило ми е што АМС заеднички со скијачката федерација за многу краток период успеаа да го подигнат – „ ФИС Ролер ски купот Тоше Проески“ на нивото со другите меѓународни манифестации во регионот. Потврда за тоа е што од година в година имаме многу повеќе натпреварувачи од различни земји“ – изјави Каевски.
Потпретседателот на нашата Скијачка федерација, Васил Сокле и селекторот на македонската репрезентација, Ѓоко Динески, веруваат дека настанот во текот на викендот во Крушево ќе привлече голем број на љубители на спортот и дека ќе гледаме атрактивни трки.